Маслинко го круниса перфектниот викенд, центарот е МВП на Купот!

Со три моќни изданија и двоцифрени победи против Работнички, Пелистер и Кожув, најдобрата македонска кошаркарска екипа во моментов, МЗТ Скопје Аеродром, го освои тринаесеттиот Куп на Македонија во својата историја. Победата од 86-61 против Кожув во финалето реално ја отсликува разликата во квалитет меѓу финалистите.

Победата на момците на Атанасов добива на значај, бидејќи е издвојувана без голема помош на клучните кошаркари, Дамјан и Водан Стојановски. Ако минатата сезона во Битола, во Куп-финалето против Пелистер херој беше Дамјан Робев, сега клучен беше учинокот на високите кошаркари, Крстевски и Маслинко.

За најкорисен кошаркар на турнирот (МВП) прогласен е Андреј Маслинко. Тој вчера во полуфиналето против Пелистер не промаши од поле, а и вечерва беше најефикасен со 17 поени (8/10 од поле, 2/0 за три поени, 1/1 слободни фрлања.

„Овие три дена беа феноменални за нас. Одигравме три меча, без простор за одмор. На крај нашата круна е трофејот во Купот. Го остваривме за она кое дојдовме тука, важна ми беше тимската игра која ја видов. Следно секако дека ни е да ја освоиме домашанта титула“, изјави Маслинко по мечот.

Следува пауза од клупската кошарка, заради последните натпревари на македонската репрезентација во евро-квалификациите, а домашниот шампионат продолжува во првата недела од март.