43 поени на 40 години - Марселињо потсети на славните денови!

Бразилскиот кошаркар Марсело Уертас наскоро ќе го прослави својот 40-ти роденден, но сепак нема намера да престане со активното играње кошарка. Ветеранот е можеби малку подзаборавен од љубителите на овој спорт, но тој со своите игри повторно го привлече вниманието на себе. 

Уертас настапува за тимот на Тенерифе во шпанската Ендеса лига, а на последниот натпревар успеа да го сруши рекордот на лигата и стана највозрасниот играч во историјата што постигнал над 40 поени. Во деновите кога Гран Канарија го освои Еврокупот, а Барселона успеа да се пласира на „фајнал-фор“ во Евролигата, Марселињо успеа да ја „украде славата“ и со неверојатната партија да ги одушеви искрените кошаркарски фанови. 

Натпреварот меѓу Тенерифе и Мурсија во регуларниот дел заврши со резултат 96-96,  а во продолжението Мурсија успеа да триумфира со резултат 111-109. Уертас за жал не успеа да му донесе победа на својот тим, но сепак неговото издание не ги остави рамнодушни присутните. Искусниот кошаркар влезе во историјата и доби стоечки овации, а навивачите го скандираа неговото име по завршувањето на натпреварот. Тој го заврши натпреварот со вкупно 43 поени, пет скокови и осум асистенции, со што беше убедливо најдобар играч на паркетот. 

Марсело „Марселињо“ Уертас во својата кариера има и НБА-искуство од настапите за Лос Анџелес Лејкерс, а настапуваше уште и за Сао Паоло, Пињерос, Хувентуд, Билбао, Фортитудо Болоња, Басконија и Барселона. Во тимот на Тенерифе е од 2019 година и оттогаш настапи на повеќе од сто натпревари за шпанскиот тим.