• Саше Љолес

Тренерот на македонскиот суперлигаш Работнички, Владимир Мирковски, изрази големо задоволство од убедливата победа над Маџари (97-74), најавувајќи уште подобри резултати до крајот на регуларниот дел од сезоната.
Работнички после пет години се врати во салата „Градски парк“ и му одржа лекција на гостинскиот тим, а Мирковски се надева на добри игри, и покрај напорниот распоред во лигата.
„Имаме турбулентна сезона и се соочивме со доста проблеми, но напорно работиме. Играчите и стручниот штаб даваат максимум за клубот што побрзо да излезе од кризата и да се врати таму каде што му е местото.
Натпреварите во ритамот среда-сабота не ни одговараат, бидејќи имаме скратен ростер и ни е потребно повеќе време за опоравување. Ќе се обидеме да оствариме добри резултати на сите мечеви до крајот“, рече Мирковски.
Работнички ја оствари само седмата победа сезонава, а до крајот на регуларниот дел од шампионатот остануваат уште четири кола. Тимот има шанси за пласман во плеј-офот, но ќе мора да бележи добри резултати на сите преостанати мечеви.










