• Саше Љолес

Маркиф Морис ќе остане во редовите на Далас Маверикс и ќе го продолжи договорот со тимот од западната конференција на НБА лигата. Тој беше дел од „трејдот“ во кој минатата сезона Кајри Ирвинг пристигна во Далас.
Потврдата за новиот договор на Морис доаѓа само две недели откако Кајри Ирвинг потпиша тригодишен договор, вреден 120 милиони долари. Навивачите очекуваат многу подобри изданија во следната сезона, особено од Ирвинг, кој би требало да биде меѓу главните носители на играта, заедно со фантастичниот Словенец, Лука Дончиќ.
Многумина се сомневаа и уште се сомневаат во евентуалната „хемија“ што би постоела меѓу главните ѕвезди во тимот, но доколку се воиграат, може да претставуваат исклучително сериозен ривал за сите екипи во лигата. Маркиф Морис минатата сезона имаше помала минутажа и просечно бележеше по 4,5 поени по натпревар. Во минатото настапуваше уште за екипите на Феникс, Вашингтон, Оклахома, ЛА Лејкерс, Мајами и Бруклин.