• Саше Љолес
Плејмејкерот на Денвер Нагетс, Џамал Мареј, по шестиот натпревар со Оклахома Сити Тандер изјави дека ја чувствувал победата на тимот и покрај здравствените тешкотии што ги имал изминатите денови.
Канаѓанецот одигра одличен меч и постигна 25 поени во победата на Денвер, но на прес-конференцијата изјави дека работите не се одвивале така лесно како што изгледале.
„Имав разни симптоми, морав да заминам утрово во клиника, каде ми беа извршени неколку тестови. Резултатите излегоа негативни, тоа ми даде малку стимул, но во ниту еден момент немав намера да не настапам на шестиот меч.
Драго ми е што победивме, ја одведовме серијата во „мајсторка“, па ќе видиме што ќе се случи. Не ми беше лесно како што можеби изгледаше, на моменти губев здив и трчав со последни сили. Ќе пробам да се одморам за да можам да му помогнам на тимот во најважниот меч.
Се навикнавме да играме добро кога е најпотребно. Тоа што седмиот натпревар е на гостински терен не ни претставува никаква тешкотија. Ние сме тим и силен колектив, не обрнуваме внимание на притисокот од трибините“, изјави Мареј.
Одлучувачкиот меч меѓу Оклахома и Денвер ќе се одигра на 18 мај во 21:30 часот. Победникот ќе се пласира во финалето на запдната конференција на НБА лигата.