„Манекените“ носат супер-засилување: Чачо Родригез ја засилува Олимпија Милано

Еден од најдобрите плејмејкери во Европа, Серхио Родригез во следните две сезони ќе го носи дресот на италијанскиот учесник во Евролигата, Олимпија Милано. Договорот е постигнат, Шпанецот се согласил Русија да ја замени со Италија и во следните две сезони ќе ги предводи „манекените“ во обид првпат да се пласираат на Ф4 на Евролигата.

Родригез беше поврзуван со враќање во татковината, во Реал Мадрид или во Валенсија, но во последен момент ја прифати понудата на Еторе Месина, кој пред неполн месец беше претставен како нов претседател и тренер на Олимпија Милано.

Чачо блесна во дресот на Реал Мадрид, играше и во НБА лигата, а со ЦСКА Москва ја освои Евролигата во „Буеса Арена“ во Виторија на крајот од месец мај годинава. Од Русија си заминува заради семејни причини, а со голема веројатност во Италија ќе биде најскапоплатен кошаркар.

Олимпија Милано доживеа дебакл и уште во четвртфиналето на плеј-офот на Серија А беше елиминирана од Венеција.