Малешевиќ: Игравме како тим, верувам дека можеме многу и во плеј-офот!

По поразите во Куманово и во Скопје против МЗТ Скопје Аеродром, лидерот од самиот старт на шампионатот, Пелистер одигра една од своите најкомплетни партии сезонава и го декласира ТФТ Скопје со 104-68. Во сите сегменти на играта екипата од Битола го надигра новиот прволигаш.

Српските интернационалци Игор Кесар и Никола Малешевиќ доминираа, а одличното крило за Gol.mk го анализираше натпреварот.

„Знаевме дека ни следи тежок натпревар, посебно што игравме со скратен ростер. Сепак, собравме сили и игравме како тим. Игравме еден за друг, во одбраната си помагавме и тоа е резуктат на оваа разлика на крајот на натпреварот“, вели Малешевиќ.

Еден од кандидатите за најкорисен кошаркар во сезоната, верува дека Пелистер има што да каже и во плеј-офот и во Купот на Македонија.

„Се надевам дека можеме да играме до крајот на сезоната. Што ќе биде, ќе видиме. Сега имаме три недели да се одмориме и да се подготвиме за она што ни следи во мај. Ако го добиеме последниот натпревар, мислам дека сигурно сме први пред плеј-офот. Ќе се обидеме тоа да го оствариме и со победата да заминеме на Купот на Македонија“, смета српското крило.

Малешевиќ е задоволен од својата прва сезона во Македонија, од клубот и градот и има само пофални зборови за проектот на Пелистер.

„Градот е убав, ми годи и мене и на моето семејство. Има што да се види и во градот и во околината. Момците и тренерите одлично ме прифатија и веруваат во мене. Убаво ми е во Битола и се надевам дека така ќе биде и во иднина“, заврши Малешевиќ.

Битолчани во следните дваесет дена немаат натпревари и во мир ќе го подготвуваат натпреварот со Работнички во првата недела од месец мај.