• Саше Љолес

Кошаркарот на Пелистер, Никола Малешевиќ, упати повик до битолската публика да дојде и во што поголем број да ја наполни салата „Боро Чурлески“ за дерби натпреварот против МЗТ Скопје во Првата македонска лига.
Актуелниот шампион ќе допатува во Битола на мега-пресметка против „зелено-белите“, кои имаат перфектен старт и пет чисти победи во првенството.
„Пред нас е тежок дуел, дерби на колото. Иако сме рано дел во сезоната, многу е важно да одиграме квалитетно и да успееме да славиме на дуелот со актуелниот шампион. МЗТ е многу искусна екипа со квалитетни играчи на сите позиции.
Ние мораме да одиграме колективно, да одговориме на предизвикот и со тимски напад, но и со цврста одбрана да стигнеме до посакуваниот резултат. Поддршката од навивачите секогаш е многу важна, а особено на ваквите дерби средби на кои присуството на фановите е драгоцено за нас.
Затоа, ги повикувам сите кои се во можност да дојдат и да ни дадат поддршка, а ние ќе дадеме се од себе за да ги израдуваме“, порача Малешевиќ.
За потсетување, големото дерби ќе биде од хуманитарен карактер и сите средства од продадените влезници ќе бидат доделени на семејството на битолската кошаркарска легенда, Зоран Петковски, кој ненадејно почина минатиот месец.










