Македонските клубови ќе ја чекаат ждрепката за АБА2 од вториот и четвртиот шешир

Челниците на АБА2 лигата ги објавија шеширите пред ждрепката за новата сезона во второто по ранг јадранско натпреварување. 

Како што е веќе познато, Македонија ќе биде претставувана од два клуба, кои се најдоа во вториот и четвртиот шешир. 

Актуелниот шампион на нашата земја, МЗТ Скопје Аеродром ќе го чека извлекувањето од вториот шешир, додека екипата на ТФТ Скопје се најде во четвртиот. „Металците“ во својот шешир се заедно со тимовите на Хелиос, Широки и Подгорица Бемакс, додека ТФТ во четвртиот шешир е со екипите на Теодо Тиват, Јахорина и СКК Студент. 

Сите екипи ќе се натпреваруваат во единствена лига составена од 16 екипи, од кои осум ќе озбезбдат пласман во разигрувањето за шампионската титула. Плеј-офот ќе биде составен од три фази - четвртфинале, полуфинале и финале. 

Тимовите со подобар скор во регуларниот дел ќе ја имаат предноста на домашен терен во плеј-офот, а во случај на ист учинок, ќе се земаат предвид меѓусебните дуели, конечниот кош-количник и постигнатите поени во регуларниот дел од сезоната. 

Сите натпревари од АБА2 лигата ќе се играат во вторник и среда, со цел натпреварувањето да не влијае на домашните првенства.