Македонскиот сон заврши, пирова победа против Естонија и збогум на ЕП 2022!

Кошаркарската репрезентација на Македонија остана без пласман на Евробаскетот, откако денес победи со недоволна разлика на клучниот меч против Естонија (84-86) на квалификацискиот турнир во Перм, Русија.

Избраниците на Александар Тодоров одиграа под своето ниво и не ја остварија целта да победат со девет или повеќе разлика. Многумина очекуваа дека самодовербата по големата победа над Италија ќе помогне, но тоа не се случи, па нашиот национален тим ќе мора да почека за нов настап на големо натпреварување.

Уште во првата четвртина Естонците покажаа подобра игра и со фантастична одбрана стигнаа до солидна предност. Нашиот напад не функционираше и беше сведен на само неколку опции. Димитријевиќ и Вајли беа одлично затворени, што беше најавено во најавата пред почетокот од страна на естонскиот селектор. Македонските кошаркари имаа добар период во втората четвртина, кога направија мини-серија со која намалија на задоволителни -5 (29-24). Противникот започна да греши, а тоа ние го искористивме за да ја вратиме неизвесноста пред финишот на полувремето.

Меѓутоа работите се вратија на свое место по минутата пауза на Естонија. Грешките на нашите репрезентативци во офанзивниот дел од играта беа казнувани безмилосно на спротивната страна, за високо водство на естонските кошаркари на пауза од 49-38. Единствена светла точка во нашата селекција беше Трајковски кој запиша 14 поени и беше единствен со двоцифрен учниок.

Естонија како да се опушти, па дозволи серија 8-0 за нашата репрезентација во продолжението. Тоа значително ја подобри атмосферата меѓу избраниците на Тодоров, кои ја искористија одличната игра на Вајли за да намалат дел од негативата. Како и претходно, противникот имаше одговор и за само неколку минути одново побегна на двоцифрена позитива. На крај Македонија го доби третиот период во своја полза и на момент ја врати надежта пред последните десет минути.

Грешките на Магдевски и Николов не ни дозволија да реализираме неколку напади, а времето немилосрдно течеше. Тоа им одговараше на Естонците, кои рутински и до максимум го трошеа секој напад. Куламе и Розевелт постигнаа три тројки и ја запечатија судбината на македонскиот тим. Во финишот ние успеавме да ја преземеме предноста на наша страна, но тоа беше недоволно за остварување на целта. Димитријевиќ беше најефикасен со 23 поени, два помалку постигна Трајковски, а 18 запиша Вајли.