Македонскиот репрезентативец Хап се раздели со Валенсија

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Итан Хап повеќе не е член на Валенсија, откако клубот и играчот постигнаа спогодбен раскин на договорот. Хап ја напушта екипата предвреме, иако неговиот договор првично беше предвидено да трае до крајот на актуелната сезона.

Причината за разделбата е долгото отсуство на 29-годишниот центар, кој од октомври беше надвор од терените поради тешка повреда на стапалото. Хап за Валенсија одигра само 10 натпревари, откако се повреди на почетокот на сезоната, недолго по освојувањето на Суперкупот на Шпанија.

Во Валенсија пристигна летото 2024 година, по периодот во Гран Канарија. Хап претходно забележа и настап во Евролигата со Олимпијакос во 2019 година, веднаш по завршувањето на својата успешна НЦАА кариера во Висконсин.

По кратката епизода во Грција, играше во Италија и Германија, а од 2022 година се пресели во Шпанија, каде настапуваше за Бреоган, а потоа и за Гран Канарија. Се очекува тој да остане во Шпанија и понатаму, во тимот на Бургос.