• Горан Упале
Еден од најголемите македонски кошаркарски таленти, Александар Сотир, направи огромен чекор во својата кариера. Само на 17 години, тој потпиша договор со шпанскиот великан Уникаха Малага, клуб кој е еден од најпрепознатливите брендови во Ендеса лигата.
Младиот Македонец во Малага пристигнува по две успешни сезони во редовите на ЦБИ Елче, каде што со своите настапи го привлече вниманието на бројни шпански клубови. Во новата сезона Сотир ќе биде дел од јуниорскиот тим до 18 години, но истовремено ќе тренира и со првиот состав на Уникаха, што претставува големо признание за неговиот квалитет и потенцијал.
Зад него е извонредна сезона во Елче, во која беше прогласен за најдобар кошаркар на клубот и во јуниорска и во сениорска конкуренција. Во Првата дивизија на Шпанија бележеше просек од 17,7 поени и 6,5 скока по натпревар, потврдувајќи дека е еден од најперспективните македонски кошаркари.
