Македонски репрезентативец ќе игра за француски евролигаш

Францускиот кошаркарски клуб Асвел го потврди ангажманот на Нејт Сестина, кој во новата сезона ќе настапува за тимот од Лион.

29-годишниот американски крилен центар во Асвел пристигнува од Олимпија Милано, каде што ја помина минатата сезона. Францускиот клуб не ги објави деталите од договорот, но потврди дека Сестина ќе биде дел од екипата во претстојната сезона.

Сестина во Милано пристигна во октомври минатата година од Валенсија, а во Евролигата минатата сезона просечно постигнуваше 3,1 поен по натпревар.

Во најсилното европско натпреварување претходно настапуваше и за Фенербахче, додека во текот на кариерата ги носеше и дресовите на Турк Телеком, Меркезефенди и Хапоел Холон. Има искуство и од НБА Џи-лигата, каде што играше за развојниот тим на Бруклин.