Македонски репрезентативец и хитот на сезоната се шампиони на Шпанија!

Екипата на Валенсија е нов шампион на Шпанија, откако во финалната серија ја совлада Барселона со 3-1 и по вторпат во својата историја ја освои титулата во АЦБ-лигата. Во четвртиот натпревар, одигран во Барселона, Валенсија триумфираше со убедливи 108-84 и стави крај на финалната серија.

Каталонците славеа во спектакуларниот прв натпревар, но избраниците на тренерот Педро Мартинез потоа доминираа и забележаа три убедливи победи по ред за заслужено да стигнат до шампионскиот трофеј.

Најзаслужен за решавачката победа беше плејмејкерот Жан Монтеро, кој натпреварот го заврши со 23 поени, три скока, три асистенции и три украдени топки. Доминиканецот беше прогласен и за најкорисен играч (МВП) на финалната серија. Одлична поддршка имаше од Кемрон Тејлор, кој постигна 21 поен, надополнети со пет скока и три украдени топки, како и од македонскиот репрезентативец Омари Мур со 19 поени, четири скока и две асистенции. Двоцифрен беше и Брекстон Ки со 12 поени и шест скока.

Во редовите на Барселона најрасположен беше Кевин Пантер со 26 поени, четири скока и две асистенции. Добар настап имаа и Торнике Шенгелија со 15 поени, пет асистенции и четири скока, како и Јан Весели со 12 поени и осум скока. Натпреварот имаше и емотивна нота, бидејќи искусниот чешки центар Јан Весели го одигра последниот меч во професионалната кариера. Воедно, Барселона ја очекува голема реконструкција во текот на летото, со најавени промени на тренерската позиција и заминување на неколку важни кошаркари.

За Валенсија ова е втора шампионска титула во клупската историја, а тимот сезонава веќе го освои и шпанскиот Суперкуп.