Македонски репрезентативец е МВП на месецот во Евролигата

Ти-Џеј Шортс продолжува да ги воодушевува љубителите на кошарката со настапите во дресот на Валенсија, а одличната форма на почетокот од сезоната му донесе големо индивидуално признание. Организацијата на Евролигата го прогласи македонскиот репрезентативец за најкорисен играч (МВП) на месец октомври.

Шортс зад себе има извонреден период, во кој се наметна како еден од најдоминантните кошаркари во најелитното европско клупско натпреварување. Неговото влијание врз играта на Валенсија е огромно, а статистиката најдобро го потврдува тоа.

На девет одиграни натпревари во Евролигата, македонскиот плејмејкер бележи просек од 17,1 поен, 5,7 асистенции, 1,8 скокови и 0,9 украдени топки по натпревар. Во категориите поени и асистенции се наоѓа на третото место во лигата, додека со просечен индекс на корисност од 20,7 е меѓу двајцата најдобри играчи според овој параметар.

Особено впечатлив е неговиот придонес во резултатите на шпанскиот тим. Валенсија во текот на октомври забележа шест победи, а со Шортс на паркетот оствари неверојатна плус-минус разлика од +89.