• Саше Љолес
Македонската репрезентација до 20 години запиша уште еден пораз на Европското првенство A дивизија и загуби од селекцијата на Селовенија со 82-71.
Иако бевме поразени, нашите надежи покажаа дека можат да се носат со најсилните репрезентации и долго беа во егал против денешниот ривал. Денешната игра ветува и остава надеж дека Македонија би можела да го задржи елитниот статус на стариот континент.
На полувремето имавме негатива од само четири поени (31-35), а во овие моменти се истакна Јовановиќ, кој имаше дванаесет постигнати поени. Избраниците на Боро Смилковски започнаа солидно во вториот дел, се доближивме на 38-39, а потоа поведоа и со 44-43. Следуваше период на низа грешки, по што Словенија успеа да го направи клучниот исчекор и не ја испушти победата до самиот крај.
Македонските кошаркари зададоа уште еден удар во последниот период, успеаја да стигнат на пет поени негатива, но потоа Словенците повторно се „одлепија“ и на крајот триумфираа со конечни 82-71, со што си го потврдија пласманот во четвртфиналето.
Во нашиот состав најдобар поединец беше Јовановиќ со 19 поени, пет асистенции и четири освоени топки, Шошкиќ додаде уште 15 поени и шест скока, Симиќ постигна 14 поени, а Бошалески впиша осум поени и шест скокови. Македонија ќе игра во разигрувањето за позициите од 9. до 16 место, а прв противник ќе ѝ биде поразениот од дуелот меѓу Италија и Полска.