Македонија во пет минути ја загуби главата во Киев

Кошаркарската репрезентација на Македонија беше на прагот да изненади, но не успеа да додржи до крај и доживеа пораз (78-61) на гостувањето кај Украина во рамки на квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2023 година.

Уште еден тежок пораз дојде на контото на Македонија, иако нашиот национален тим цел натпревар беше во егал со противникот. Добро се држеа избраниците на Драган Бајиќ, имаа водство и контрола на играта триесетина минути, но во последниот квартал сите работи се распаднаа и домашниот тим со една серија ги скрши срцата и сите надежи за позитивен резултат на ова гостување.

Македонија го отвори натпреварот по посакуваниот пат. Поведе со 0-5, потоа беше и 2-7, а во еден момент ги имаше и највисоките шест поени разлика (11-17). Во вториот квартал Украинците за првпат дојдоа до изедначувања, имаа 19-19, па 21-21, па Македонија пак влезе во ритам и со две тројки во низа на Крстевски и Стојановски замина на плус шест (21-27). Се имаше и осум поени позитива на контото на „црвено-жолтите“ (23-31), но до паузата Сидоров се разигра и донесе 30-34.

По паузата Украина дојде до првата предност (38-37). Оттогаш, се играше неизвесно во следните минути. Главен проблем за Македонија беа тројките на домашниот тим. Предноста од два поени домаќинот ја задржа и на влезот во последниот период (49-47), а потоа следеше распадот на нашиот национален тим. Проблем беше шутот за два, кој одеднадеж стана најслаба алка на кошаркарите на Бајиќ. Серијата 15-5 која ја направи домаќинот се покажа како кобна. Во пет минути Украина играше пеколен напад и ги казни сите наши грешки, па се одлепи на неверојатни +12 (64-52) кои не ја отсликуваа реалната слика за мечот во Киев. Во последните пет минути продолжи доминацијата на домашниот тим и се забележа посакуваната победа.

Најефикасен кај Македонија беше Бојан Крстевски со 14 поени, пред Џејкоб Вајли со 12 поени и девет скока, додека трето име беше Адем Мекиќ со десет поени. Кај Украина, Артем Пустовји реализира 18 поени, а Лукашов и Сидоров постигнаа по 13 поени. Квалификациите за Македонија продолжуваат во февруари, кога се гостува кај Грузија.