• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Македонија ја забележа четвртата победа во четвртиот меч од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Нашиот национален тим во Баку славеше кај Азербејџан (78-70).
Со скор 4-0, Македонија е апсолутен лидер во групата и нема шанси да го загуби пласманот во следната рунда, освен со некое неверојатно лудо сценарио. Кошаркарите на селекторот Берокал си ја завршија задачата, иако до победата се дојде по потешкиот пат, затоа што Македонија губеше двоцифрено по десет минути игра (18-29), а исто така имаше негатива и во вториот и во третиот квартал.
Дополнителен хендикеп беше и повредата на капитенот Војдан Стојановски, за кого овој меч беше за историја, затоа што стана играч со најмногу настапи за Македонија. Кога најмногу беше потребно, одговорноста ја презеде Андреј Јакимовски, кој потпомогнат од Хап, Мекиќ, Магдевски и Ѓуроски успеа да го стабилизира резултатот со Азербејџанците.
Андреј Јакимовски со 22 поени и осум скока беше најдобар кај Македонија, го следеше Стојан Ѓуроски со десет поени. Кај Азербејџан, натурализираниот играч Весли Ван Бек имаше 23 поени. Македонија во јули ја чекаат мечеви со Ирска на домашен терен и Луксембург на гости, со што ќе се заврши циклусот од првата фаза претквалификации за ЕП 2029.

