• Иван Димовски
Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 20 години претрпе нов убедлив пораз на Европското првенство во А-дивизијата во Полска. Избраниците на Боро Смилковски по стартниот дебакл со Шпанија, вчера загубија убедливо и од Турција со 55-90.
Нашите млади кошаркари одиграа респектабилно прво полувреме во кое беа близу до противникот. Иако Турците диктираа темпо, ниту еднаш не успеаја да се одлепат и на одмор се замина со 38-42.
Црна беше третата четвртина за Македонија, бидејќи во неа уфрливме само два поени. Звучи неверојатно, меѓутоа Турција со 22-2 сериозно се одлепи и потоа само го потврди триумфот во завршницата, а предноста растеше и растеше.
Во таборот на Македонија најефикасен беше Стојаноски со 12 поени, девет уфрли Шошкиќ, а осум Симиќ.