• Саше Љолес
Денес, селекторот на машката репрезентација до 20 години, Никола Велев, и покрај најтешкиот личен момент - загубата на својот татко, одлучи да остане со својата екипа и да ја предводи до победа на Европското првенство од Дивизија Б во Братислава.
Кошаркарската федерација на Македонија изразува најдлабоко сочувство до Никола Велев и неговото семејство за нивната огромна загуба. Во овие тешки моменти сме со него и со неговите најблиски, со искрени желби да пронајдат сила, мир и утеха.
Денешната победа над Босна и Херцеговина е посветена токму нему - на човекот кој и во мигови на неизмерна лична болка покажа што значат професионалноста, достоинството, пожртвуваноста и безрезервната љубов кон репрезентативниот дрес.
„Првенството го завршуваме со позитивен скор од пет победи и два порази. Со денешната победа над Босна и Херцеговина го освоивме деветтото место, но искрено верувам дека тоа не е вистинската слика за оваа репрезентација. Во текот на целиот шампионат покажавме карактер, заедништво и квалитет, а со нашата игра докажавме дека заслужувавме многу повеќе.
Во име на целата екипа, сакам да кажам дека сите наши победи му ги посветуваме на нашиот селектор Никола Велев и на неговото семејство. Во овие најтешки моменти, енергијата, вербата и силата што тој секојдневно ни ги пренесуваше нам, денес му ги враќаме нему.
Целиот тим е со него и со неговото семејство, со искрено сочувство и поддршка“, гласат зборовите на поддршка и израз на сочувство кон селекторот од Марко Луканоски, капитенот на младинската репрезентација на Македонија“.
По натпреварот, кошаркарите упатија порака со поддршка, која гласеше - „Френки, оваа победа е за тебе!“
