• Мартин Танасковски
Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години го забележа вториот пораз на Европското првенство од Б-дивизијата, кое се одржува во Македонија, откако беше поразена од селекцијата на Хрватска со убедливи 112-57.
Избраниците на селекторот имаа солидно прво полувреме и успеваа да одржуваат резултатски приклучок, иако хрватската репрезентација во најголем дел од тој период ја контролираше играта. На паузата противникот имаше предност од 46-33.
Во второто полувреме следуваше целосна доминација на Хрватска, која го засили ритамот во нападот и не му дозволи на македонскиот состав да се врати во натпреварот. Разликата постојано растеше, а на крајот Хрватите стигнаа до убедлива победа од 112-57.
Најефикасен во редовите на Македонија повторно беше Дион Шабани, кој натпреварот го заврши со 16 поени и осум скокови. Двоцифрен ефект имаше и Котевски со десет поени.
По денешниот натпревар, македонските кадети ќе имаат слободен ден, а следниот предизвик на Европското првенство ги очекува во понеделник, кога од 18:30 часот ќе се соочат со селекцијата на Швајцарија.