Македонија со Вајли по изненадување против лидерот Италија во Перм

Дуелот меѓу Италија и Македонија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство ќе биде всушност пресметка на екипата која досега е без пораз и онаа која е без победа. За жал, селекцијата предводена од Александар Тодоров е втората, па против лидерот во групата Б ќе има улога на аутсајдер. 

Иако Италија како домаќин на Европскиот шампионат веќе е пласирана на истиот, тоа не ги спречува момците на Сакети да се борат и да се докажуваат. Селекторот бира комбиниран тим, со кој ги воигрува варијантите и ги тестира силите на играчите. Тоа не ги спречи „азурите“ да победат на двата дуели со Русија и едниот против Естонија. Така, Италија со три од три е апсолутен лидер во нашата група. 

Од друга страна Македонија не настапи на претходниот „балон“ во Талин, дел од кошаркарите беа оставени во изолација, а останатите без игра се вратија од Естонија. Селекцијата на Тодоров е единствена во групата со само два одиграни дуели, па тоа остава надеж дека може да се престигне Естонија, која пак во првото коло не доби во Скопје. Сепак, тимот од тогаш претрпе некои промени, па со нови имиња Тодоров се надева на позитивни резултати во Перм. 

На располагање на селекторот за прв пат на еден официјален натпревар ќе му биде Џејкоб Вајли, кошаркарот роден во Вашингтон кој игра за шпанската Гран Канарија. Двометрашот чека на своето деби уште од Талин, но бидејќи имаше проблеми со ковид, не го дочека истото. Се очекува Вајли да биде од огромна помош во играта во два правци за Македонија, бидејќи тој настапува на центарските позиции и ќе биде сериозно засилување и за дефанзивната линија. 

Иако Италија е фаворит, со сигурност избраниците на Тодоров нема да истрчаат со бело знаме. Натпреварот во „Молот Арена“ во Перм е закажан за денес со почеток од 15:30 часот.