Македонија со убедлив пораз од Шпанија елиминирана во осминафиналето на ЕП

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години го заврши својот настап на Европското првенство за кадети во Измир, со пораз во осминафиналето против Шпанија од 73-45. Избраниците на Симиќ немаа сили за никакво изненадување против големиот фаворит, па со нов убедлив пораз се одјавија од А дивизијата. 

„Фуријата“ од стартот тргна добро, рано почна да гради предност која беше на нивна страна во текот на целата четвртина, но не успеа да се одлепи. Првата осетна предност дојде на стартот на вторите десет минути кога Шпанија поведе со 27-17, а дополнително црната серија продолжи и до полувремето. Македонија беше индиспонирана и инфериорна, па на пауза се замина со 37-21. 

По полувремето Шпанците како да го смирија темпото, не притискаа премногу и се играше со доста ротации. Сепак, водството фигурираше над 20 поени, со исклучок на неколку кратки сегменти. Во завршницата, Македонија немаше сили за никакво изненадување, напротив играта се распадна и Шпанија запиша победа со највисокото водство на натпреварот +28. Иако Македонија ги запиша сите порази на овој евро-собир, сепак радува фактот дека играше во А дивизијата, првпат по долго време.

Со 15 поени најдобар во тимот на „фуријата“ беше Изан Алманса, а по 12 уфрлија Родригез и Гаруба. Во таборот на Македонија се истакна Тео Симиќ со 11, девет пати погоди Петкоски и осум Бошалески.