• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Македонија иако со скратен ростер, успеа да го совлада Луксембург на гостински терен (80-66) и така со перфектни 6-0 ја заврши првата фаза од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2029 година.
Избраниците на Жозеп Мариа Берокал уште од стартот го наметнаа своето темпо. Предводени од расположениот Ефремовски, по пет минути игра поведоа со 13-7, а во финишот од првата четвртина се разигра и Ташовски, кој беше најзаслужен Македонија да ја заврши првата делница со предност од 23-15.
Добрата игра продолжи и во вториот квартал. Македонија за првпат стигна до двоцифрена разлика при 25-15, а својата шанса одлично ја искористија и кошаркарите кои влегоа од клупата. Нашата селекција целосно го контролираше натпреварот, а предноста постојано растеше.
Точка на одличното прво полувреме стави Ефремовски, кој со звукот на сирената погоди тројка и донесе највисоки 19 поени предност за Македонија на паузата (46-27). Најефикасни во македонскиот состав по првите 20 минути беа Ташовски и Ефремовски со по 10 поени, додека новиот репрезентативец Сестина придонесе со осум поени.
Во второто полувреме, Берокал доби можност да ротира и да експериментира заради високата позитива, но тоа во ниту еден наврат не ја доведе победата на мечот под знак прашалник, иако Луксембург во третиот квартал имаше подобар шут и ја преполови негативата. Покрај двапати над Луксембург, нашиот национален тим по двапати ги победи и Ирска и Азербејџан во оваа фаза и оди понатаму во втората фаза од европските претквалификации.
Одлично деби имаше Американецот Сестина со 18 поени, пред Ташовски со 16 поени, седум скока и седум асистенции.

