Македонија со ист лик оди на гостувањата во Шолнок и Орадеа

Кошаркарската репрезентација на Македонија в среда рано наутро ќе замине на две врзани гостувања во Унгарија и Романија во рамките на претквалификациите за Светското првенство. 

И покрај стартниот пораз од Романците во Куманово, подмладената селекција продолжи во добар ритам да се подготвува за следните предизвици. Тимот се врати во Скопје и одржа неколку тренинзи, а последниот пред патувањето е попладнево.

Селекторот Марјан Илиевски нема да менува ништо, останува да им верува на петнаесеттемина кои веќе се во репрезентативниот камп. Во пресрет на натпреварот на 9 август во Шолнок одново Илиевски ќе мора да одбере дванаесетмина кои ќе бидат дел од протоколот, а слично ќе биде и пред третиот дуел во Орадеа на 13 август. 

Последниот натпревар од циклусот е закажан за 20 август против Унгарците на домашен терен, веројатно одново во Куманово.