Македонија се „коцкаше“, но ја победи Словачка на стартот од претквалификациите

Репрезентацијата на Македонија одлично ги започна претквалификациите за Европското кошаркарско првенство во 2021 година, откако славеше на гости кај Словачка (66-74) во првиот меч од групата А. Нашите репрезентативци одиграа цврста одбрана, особено во втората четвртина, што беше клучот за денешниот триумф, кој е одлична најава за второто коло, во кое на домашен терен ќе ја пречекаме Швајцарија.

Ричард Хендрикс одлично започна и ги реализираше првите четири шута за да донесе почетна предност за нашата репрезентација. Американецот беше единствениот расположен кошаркар во нападот на Македонија, постигнувајќи осум од првите десет поени за избраниците на Јорданчо Давитков. 

Во продолжението се разбудија и Бојан Крстевски и Војдан Стојановски, па македонската селекција замина со минимални 22-23 по првите десет одиграни минути.

Вториот квартал донесе голем број на фаули и нереализирани напади на двете страни. Кај нас повторно функционираа само Хендрикс и Стојановски, кои донесоа највисоки +6 во 15. минута (30-36). Караџовски по неколку минути без погодок зголеми на 30-38, што го натера словачкиот селектор да повика минута пауза за своите кошаркари.

Македонските кошаркари продолжија со добрата игра и го завршија полувремето со серија од 10-0, што им донесе високи 30-44 на паузата во пресрет на вториот дел.

Второто полувреме го започнавме нервозно, со неколку почетнички грешки, кои го натераа Давитков да повика тајм-аут по само четири одиграни минути во третата четвртина. Истиот резултираше со осум врзани поени за македонскиот тим, кој се одлепи на 36-54.

Домаќините ја намалија предноста на -4 со серија од 12-0 на стартот од последната четвртина, што беше причина за нова минута пауза од нашиот селектор. Празниот период на Македонија беше прекинат со тројка на Хендрикс, што ја смири ситуацијата во нашиот табор.

Сепак, завршницата им припадна на македонските кошаркари, кои ја задржаа предноста и се изборија за прв триумф во претквалификациите (66-74). Доминантна сила во нашата репрезентација беше Хендрикс со 21 поен и 14 скока, а беше следен од Војдан Стојановски, кој го заврши мечот со 20 поени.

Вториот меч од претквалификациите го играме в недела, кога во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја пречекаме репрезентацијата на Швајцарија.