Македонија против Унгарија за честа и достоинствен крај на циклусот

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе го затвори претквалификацискиот циклус за Светското првенство со домашен натпревар против Унгарија во Скопје. 

Подмладениот македонски тим на Марјан Илиевски забележа три порази досега, па последниот дуел со Унгарците е шанса за подобрување на впечатокот. Веќе сè е решено во групата, па ова е натпревар само за престиж за двете селекции. Ривалот се бори за првото место во групата, а Македонија треба да го „обели образот“. Тимот е со доста проблеми, во овој циклус влезе доста изменет и веројатно најмлад во досегашната кошаркарска историја. 

Некои нови момчиња се појавија на кошаркарската мапа, презедоа поголема одговорност и надополнети со неколкуте поискусни играчи треба заедно да растат како тим. За денешниот натпревар од комбинација отпадна еден од најискусните Адем Мекиќ, како и Марко Миловановиќ, а шанса за први минути во националниот тим ќе добие Марко Луканоски. 

На овој натпревар Македонија важи за аутсајдер, Унгарците се квалитетна селекција и нема што да се загуби, само да се одигра за честа и храбро за националниот дрес. 

Средбата во СРЦ „Кале“ е закажана во терминот од 19:00 часот, а билетите ќе се продаваат по цена од 150 денари.