Македонија потклекна пред Шпанија и го запиша првиот пораз во Оран

Ракометната репрезентација на Македонија го запиша првиот пораз на Медитеранските игри во Оран, Алжир. Нашиот подмладен состав потклекна пред големиот фаворит Шпанија (22-31) и шансите за пласман во полуфиналето се намалија. Следниот меч за Македонија е против Турција (1 јули).

Избраниците на Кирил Лазаров на стартот убедливо ја совладаа Грција, а потоа пропуштија шанса да го победат домаќинот Алжир затоа што промашија пенал за победа и мечот заврши нерешено. Во третиот натпревар, Шпанците беа селекцијата која доминираше и заслужено се радуваше, за втора победа на вториот меч.

Македонија тргна солидно и беше рамо до рамо со „фуријата“. Сепак, следеа црни минути во средината на првото полувреме, кога на противникот му се дозволи да ја изгради и главната разлика на натпреварот. Шпанија успеа од 7-8 да влезе во серија и максимално да ги казни нашите технички грешки и промашувања. Пет гола во низа постигнаа Шпанците, за висока позитива од 7-13, која потоа констнатно се одржуваше.

Шесте гола предност Шпанците ги задржаа и на паузата (8-14), а во второто полувреме Македонија константно бркаше, ама ниеднаш не успеа да се доближи сериозно. Најблизу што тимот на Лазаров дојде беше пет гола негатива. Во финишот падна силата и концентрацијата, па противникот во еден момент водеше и со 12 гола (13-25).

Мартин Серафимов беше најефикасен кај Македонија со осум гола, пред Иван Џонов, Марко Митев и Костадин Петров кои имаа по две реализации. Кај Шпанците, Одриозола, Фернандез Хименез и Серано стрелаа по четири пати.