• Мартин Танасковски
Машката младинска кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на Европското првенство од Б-дивизијата во Братислава, откако во натпреварот од четвртото коло во групата А загуби од Шведска со 86-64.
Швеѓаните, кои со овој триумф го потврдија првото место во групата, уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам. Првата четвртина ја добија со 23-16, а со уште една сигурна делница (22-16) на полувремето заминаа со предност од 45-32. И покрај резултатската негатива, Македонија беше рамноправна во скокот (23-22), а Марко Луканоски уште во првото полувреме стигна до дабл-дабл учинок со 11 поени и 10 скока. Солиден придонес дадоа и Коста Ќириловски со седум поени и шест скока, како и Марјановиќ со пет поени.
Сепак, слабата реализација во нападот и големиот број загубени топки беа пресудни. Македонските кошаркари реализираа само три тројки од 14 обиди, а во првите 20 минути имаа дури 11 загубени топки, што квалитетната селекција на Шведска максимално го искористи. Во второто полувреме Шведска дополнително го засили темпото и со агресивна одбрана и сигурен напад постојано ја зголемуваше предноста. По третата четвртина разликата достигна 31 поен (72-41), со што практично беа решени сите дилеми околу победникот.
Луканоски натпреварот го заврши со дабл-дабл учинок од 15 поени и 13 скока. Во второто полувреме Димовски постигна девет поени, Марјановиќ додаде осум, Ќириловски остана на седумте поени од првиот дел, а Трајанов средбата ја заврши со шест поени.
Македонија утре (15 јули) ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза, кога од 21:00 часот ќе се соочи со Азербејџан во меч кој ќе биде од голема важност за конечниот пласман во групата А.
