Македонија остана во игра за ЕП, од -16 до голема победа против Италија!

Кошаркарската репрезентација на Македонија запиша голема победа во квалификациите за Европското првенство, откако попладнево одигра фантастичен натпревар против фаворизираната Италија и од негатива од 16 поени, стигна до заслужена победа од 87-78. Иако нашите момци катастрофално го отворија мечот и дозволија „аѕурите“ да се разиграат и да го диктираат темпото, кога беше најпотребно покажаа голем  карактер и со неверојатен пресврт останаа во игра за пласман на континенталниот собир. Сега, навиваме на пораз на Естонија вечерва од Русија, а утре токму со Естонија ќе одлучуваме кому ќе припадне третото место во групата, последно кое води на Евробаскетот.

Македонскиот напад одлично функционираше на стартот против фаворизирата на Италија, но во првите пет минути одбраната тотално потфрли и дозволи противникот да постигне неверојатни 20 поени (13-20). Тодоров мораше да реагира и повика тајм-аут, по кој одбраната сериозно се зацврсти, но потфрли нападот, па Италија на првата мала пауза замина со позитива од десет поени (20-30).

На почетокот на десетте минути Македонија со двете тројки на Магдевски влезе во позитивна серија и намали на шест поени, но потоа следуваше нов пад, кој Италија искусно го искористи и на погонот на расположениот Спису (10 поени и 6 асистенции) на полувреме замина со комотни +11 (41-52).

Но, нашите избраници не се предадоа и како да сакаа да покажат дека поседуваат квалитет за подобар резултат, па во третиот квартал им сервираа тешка шлаканица на Италијанците (26-13) и благодарение на одличниот Димитријевиќ, кој со звукот на сирената погоди од центар, во последните десет минути влеговме со позитива од два поени (67-65). 

Плејмејкерот на Хувентуд продолжи со фантастичната игра и кога беше најпотребно ја разигруваше Македонија, а голема поддршка доби и од Вајли, кој со поени од отпадок погоди за 73-65, по што Сакети мораше да ги собере своите избраници, кои три минути беа без кош. Не помогнаа ниту советите на искусниот стратег, затоа што Македонија продолжи со ист ритам и заслужено ја впиша првата победа на своето конто (87-78).

Димитријевиќ кој поради повреда на коленото не ги доигра последните две минути, со 22 поени и седум асистенции беше најдобриот поединец во нашиот табор, а солиден настап имаа уште Магдевски со 20 и Војдан Стојановски со 15 поени.