„Дабл-дабл“ на Хендрикс, Македонија ја разби Словачка!

Кошаркарската репрезентација ја забележа третата победа во претквалификациите за Европското првенство во 2021 година и убедливо ја совлада Словачка (87-74), триумф со кој веќе со едната нога нашите кошаркари се во наредната претквалификациска фаза.

На избраниците на Давитков им одеше се од рака - шутот функционираше, а исто така ја добија и борбата под обрачите. Се стекна висока разлика уште на самиот старт на мечот, па понатаму се беше само рутина. Радуваше и формата на Ричард Хендрикс, кој пристигна во Скопје десет дена без да тренира поради болест, но одигра „ѕверски“ и заврши со дабл-дабл учинок. Македонија е на првото место во претквалификациската фаза и ја чека уште еден натпревар со Швајцарија и лидерската позиција би можела да ја загуби само со шокантен пораз од 15 разлика на последниот меч од оваа фаза кој се игра во јуни.

Кошаркарите одиграа перфектен натпревар посебно во одбраната кој донесе висока предност уште на полувреме, по која само се трасираше патот до новата победа во претквалификациите за Европското првенство. Се играше неизвесно до 30-29, а потоа следеше серија од 13-0 за 43-29. 

Хендрикс беше перфектен и во нападот и под обрачите, а исто така тука беа како помош и Стојановски и Трајковски кои на полувремето имаа двоцифрен учинок. На пауза, Македонија замина со предност од 52-37, а третиот дел исто така имаше одлично отворање за нашиот национален тим, кога предводени од Ѓуроски, избраниците на Давитков направија серија од 8-0, за највисока предност од 60-37.

До финишот на третиот период Македонија ја задржа високата предност (70-57), а во последните десет минути Давитков ротираше, им даде шанса на сите кошаркари, но и покрај тоа победата остана висока.

Најдобар поентер кај Македонија беше Ричард Хендрикс кој имаше фантастичен меч и оствари „дабл-дабл“ учинок од 23 поени, 13 скока и 6 асистенции. Второ име беше повратникот Бојан Трајковски со 14 поени, а потоа следеше Војдан Стојановски со 13 поени. Кај Словаците, најдобри беа Курич и Кернер со по 17 поени.

Наредниот претквалификациски меч Македонија го игра во јунскиот термин, кога гостува кај Швајцарија која убедливо ја совладаваме во Скопје.