Македонија одигра храбро, но со нов пораз ги затвори евро-квалификациите!

Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе шести пораз за крај на квалификацискиот циклус за Европското првенство. На неутрален терен во Рига нашата селекција загуби од номиналниот домаќин Украина со 74-72.

Пресметката во летонската престолнина беше само формалност, бидејќи немавме реални шанси да го преземеме третото место од Украинките кои во Скопје нè декласираа со 49-98.

Тргнавме со стартна минимална предност, а потоа ривалот врза серија од 15-0 со која се одлепи. Се наметнаа Украинките и поведоа сигурно, одржувајќи се во позитива која гравитираше околу двоцифрената граница. Пред паузата Македонија успеа да намали дел од негативата, а на одмор се замина со 37-30. 

Поведе Украина во третата четвртина со 15 поени разлика (50-35), а девојките предводени од Ашаданов добро реагираа. Предноста почна да се топи, стигнаа македонските кошаркарки во последната четвртина и на „минус три“ (63-60), ама ривалот одговори со 6-0. Не се предаде Македонија до самиот крај, играше додека имаше шанси и на влезот на последната минута со тројката на Митрашиновиќ поведе првпат по воведните минути (71-72). Сепак, во пенал завршница Украинките подобро се снајдоа и забележаа нова победа.

Анџелика Митрашиновиќ имаше свое шоу, го заврши мечот со 33 поени, додека кај Украина се истакна Иагупова со 19.