Македонија од дебакл до минимален пораз во Приштина од Косово

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз ги почна претквалификациите за Светското првенство во Кина, откако во Приштина загубија од Косово со 72-68. Овој пораз ја продолжува нашата мизерија по лошите квалификациите за Евробаскетот со Драган Раца на клупата, а на Косово му го донесе првиот триумф на официјален натпревар во историјата. 

Нашата репрезентација започна во грч и косовската селекција, благодарение на Кастрари, поведе со 6-0. Во зовриената атмосфера во Приштина, на поените на Џордан Теодор, одговори Бериша со две тројки (13-8). Затаи нашата игра и шутот и во 8. минута домаќините со поените на Фисник Ругова стигнаа до двоцифрена предност (19-8). Дури од седмиот обид Македонија погоди тројка преку ветеранот Димче Тасовски (19-11).

По 23-11 по првиот период, Теодор погоди од табла и по дополнителното слободно фрлање веќе стигна до 9 поени. Под обрачите косовски кошаркари доминираа, па дури и без Бериша резултатски ни побегнаа. Со само една тројка од 11 обиди, момците на Давитков во 15. минута заостануваа 14 поени. Македонија влезе во агонија и Бериша со 17 поени во две четвртини на одмор донесе огромни 40-20.

Третиот период започна во знакот на Војдан Стојановски, а по тројката на Кире Николовски во 25. минута Македонија намали на -13. Но, тоа беше само еден блесок, бидејќи косовските кошаркари лесно ја одржуваа предноста од 12-15 поени, а Бериша покажа лидерски способности.

Македонија неколку пати прокоцка шанса да се спушти под 10 разлика и со 64-50 се влезе во последните четири минути. Тогаш, Стојановски и Теодор со серија на поени спуштија на -5. Но, Бериша со кош и дополнително слободно фрлање пак донесе високи 69-61. На 27 секунди до крајот Димче Тасовски погоди тројка за драма во финишот (70-68). Сепак, косовските кошаркари имаа помирна рака и со слободни фрлања го приведе мечот до победа од 72-68.

Најдобар поединец на натпреварот беше Бериша со огромни 28 поени, а единствена светла точка во нашиот табор беше Џордан Теодор со 22 поени. Војдан Стојановски со блескав трет период стигна до 17 поени. В сабота во Скопје против Естонија, македонската селекција ќе има можност за поправен испит и да ја забележи првата радост во претквалификациите.