Македонија од четврток домаќин на уште еден младински шампионат на ФИБА

Македонија повторно ќе биде домаќин на големо европско кошаркарско натпреварување, бидејќи од 6 до 15 август ќе го организира Европското првенство од Дивизијата Б за кошаркари до 16 години. Кошаркарската федерација на Македонија повторно ја доби довербата од ФИБА за организација на уште еден младински шампионат.

Натпреварите ќе се играат во Скопје и Гевгелија. Во главниот град домаќин ќе биде спортскиот објект „Т Арена“, додека во Гевгелија средбите ќе се одиграат во салите „НБ Ноел“ и „26 Април“, кои и во минатото биле домаќини на европски кошаркарски настани.

Во изминатите години Македонија успешно организираше повеќе младински европски првенства, а со новото У16 Европско првенство уште еднаш ја потврдува својата репутација како сигурен партнер на ФИБА. Од Кошаркарската федерација на Македонија истакнуваат дека организацијата на шампионатот е дел од стратегијата за развој и промоција на македонската кошарка, но и за афирмација на Македонија како препознатлива спортска дестинација на европската мапа.

Македонија ќе настапи на овој турнир во групата Б со селекциите на Хрватска, Украина, Швајцарија, Исланд и Кипар. Двете најдоброрангирани репрезентации од четирите групи одат во четвртфиналето, додека останатите ќе разигруваат за пласман.