Македонија ќе биде домаќин на мундијалските претквалификации во кошарка

Македонската кошаркарска федерација ја доби довербата од страна на Светската кошаркарска федерација да биде организатор на еден од претстојните турнири кои се дел од претквалификациите за пласман на Светскотоп првенство во 2023 година.

Скопје ќе биде градот домаќин на таканаречениот „балон“ односно групата Ф, во која освен нашата, ќе играат уште и сениорските селекции на Швајцарија и на Словачка. Ова е уште една одлична можност, од повеќе аспекти, за нашиот сениорски национален тим да исчекори кон главниот дел – место во мундијалските квалификации.

Во оваа прва фаза, на 12 август ќе играме против селекцијата на Швајцарија. Два дена подоцна ќе се соочиме со Словачка, а на 16 август ни следува средбата со Швајцарија. Турнирот во Скопје ќе го затвориме на 18 август, со натпреварот против селекцијата на Словачка.

Согласно со пропозициите на ФИБА, првопласираните две репрезентации од овој турнир ќе бидат дел од главните квалификации за пласман на Мундобаскетот во 2023 година. Во исто време, бордот на ФИБА-Европа ги одреди и организаторите на преостанатите три претквалификациски турнири. Федерацијата на Португалија во Матошинос, ќе ги организира натпреварите од групата Ц. Групата Д ќе се игра во Рига, а во улога на организатор на кошаркарската федерација на Летонија.

Својата шанса за пласман во следниот круг во Подгорица, ќе ја бара националната федерација на Црна Гора, која ќе биде организатор на мечевите од Е претквалификациската група.