• Иван Димовски
Кошаркарите на Македонија се радуваа на победа над Полска (88-74), во последниот натпревар од квалификацискиот циклус за Евробаскетот. За крај на овие квалификации нашите кошаркари се радуваа против гостинот во СРЦ „Кале“ и позитивно го затворија циклусот. Одново Ти Џеј Шортс беше лидер на тимот, а одлична партија одигра и Андреј Маслинко кој немаше промашување од игра.
- Извештај од натпреварот:
Гостинската селекција добро отвори и поведе со 0-4, а првите поени за нас беа тројка на Димитријевиќ. Откако повторно Полјаците реализираа, следеше тројка и на Зеќири, па положување на Војдан Стојановски за прво наше водство од 8-6. Се играше егал во следниот период, се разменуваа поени со тоа што нашиот национален тим почесто водеше. Во финишот на четвртината во елемент влезе Ти Џеј Шортс со две тројки и положување, а со истекот на времето Американецот погоди и од центарот за 26-19.
Одлично отвори Македонија во вториот период со тројка на Робев за првпат да има двоцифрена предност (29-19). Се обидуваа полските кошаркари да парираат, ама некое време разликата остана висока. Пријдоа гостите на 34-29, а потоа врзавме серија поени за одново да се одлепиме. Димитријевиќ ја врати двоцифрената предност (42-32), а Полска го затвори полувремето со тројка за 45-39 на паузата.
Вториот дел тргна со серија од три тројки, две за гостите и една за нас. Стигна Полска на 48-47, а потоа успеа да дојде и до егал со тројкат ана Зисковски (53-53). Две реализирани акции реализира Шортс, па тројка погоди Ефремовски за 60-54. Поени врза и Зеќири кој пак погоди за три поени за одново Македонија да поведе двоцифрено (65-55), а во последната четвртина се влезе со плус 12 за нас. Следеше мало опуштање кое Полска знаеше да го искористи и се приближи на 69-66, а потоа во два наврати имаа и минус четири, последни при 75-71. На тоа шест поени во низа уфрли Андреј Маслинко со две забивања по контра и момците на Јончевски повед со 81-71 на три минути до крајот. Коленда со тројка ја одржа Полска во живот, па тешки поени имаше Шортс преку човек (83-74). Одбранивме два клучни напади, а потоа го потрошивме времето и во пенал завршница ја заокруживме победата.
Најефикасен играч на средбата беше Андреј Маслинко кој го одигра најдобриот меч во националниот дрес и уфрли 22 поени. Ти Џеј Шортс го заврши мечот со 21 поен, додека одличен беше и Лејсон Зеќири со 17, додека Ненад Димитријевиќ уфрли 11.