Македонија храбра со Грција, Митрашиновиќ на скок од „трипл-дабл“

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија загуби од првиот фаворит Грција (84-101) во квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во 2027 година, во меч кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје и беше втор во овој циклус.

По победата над Данска, прва за кошаркарките по 17 години, следеше дуел со „хеленките“ кои во Скопје дојдоа во улога на огромен фаворит. Избраничките на Ашаданов имаа перфектно отворање и солидни десет минути по кои беше 23-23, а потоа гостинот ги презеде работите во свои раце и си создаде залиха за победа.

Како клучна за мечот се покажа втората четвртина, во која Македонија прими дури 36 поени и на полувреме замина со негатива од 20 поени (39-59). Во продолжението од мечот, Гркинките поведоа и со 27 поени разлика (45-72), многумина ја прежалија нашата селекција, но Македонија во финишот дојде на минус од само осум поени (82-90). Сепак, дадовме само два поени во периодот кој следеше, за висок пораз на семафорот.

Најдобра кошаркарка во нашите редови беше Анџелика Митрашиновиќ со 23 поени, девет скока и десет асистенции, додека Илина Селцова постигна 19 поени. Двоцифрен учинок имаше и Мерит Хемпе со 16, како и Ивана Кметовска со 10 поени. Кај Грција, Елеана Кристинаки даде 21 поен, а Мариела Фасула имаше 22 поени.