„Македонија има кошаркарска историја и култура, не ѝ е местото овде!“

Словачка доживеа висок пораз од Македонија на меѓусебниот натпревар во Скопје, a селекторот на гостите, Иван Рудеж, по средбата беше полн со пофалби за нашата игра и нашата кошаркарска репрезентација.

Хрватскиот стратег истакна дека Македонија е кошаркарска земја со голема историја и култура и потенцира дека неговиот тим не можел да се носи со силни кошаркари како нашите.

„Македонија е најискусна и најквалитетна екипа во групата, каде сме ние и Швајцарија. Кога играш против тим кој има голема кошаркарска култура и историја и учества на Евробаскетот, можеш да се надеваш само младите играчи да одиграат храбро и смело, со што помалку грешки. Нашите плејмејкери го совладаа тоа во некоја фаза, но квалитетот на Македонија знаеше да ги казни грешките. Губевме топки многу, потребни ни се уште најмалку дваесет до триесет натпревари за да станеме сериозен тим кој може да размсилува на Евробаскет“, истакна Рудеж.

Збор на пресот имаше и капитенот Ричард Кернер.

„Би сакал да ѝ честитам на Македонија. Одиграа квалитетен натпревар на високо ниво. Ние сме млад тим, многу грешевме. А, не може да се игра вакви натпревари во висок ритам со грешки. Загубивме три топки во низа, тоа не чинеше многу. Македонија беше подобра, им честитам и им посакувам среќа во иднина“, истакна Кернер.

Словачка има три порази на три меча и ја чека уште еден дуел, против Швајцарија на домашен терен, кој ќе биде безначаен околу нивниот пласман во групата.