Македонија ѝ се реваншираше на Бугарија на контролката во Скопје

Македонската кошаркарска репрезентација оствари победа над Бугарија со конечни 91-87 во пријателскиот натпревар одигран во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. 

Избраниците на Жозеп Мариа Берокал одиграа далеку подобар меч од оној пред неколку дена во Бугарија, а денес одличен настап имаше и новото засилување, Девејн Стјуарт Џуниор. 

Двете селекции одиграа прилично тврд и неизвесен меч. На паузата резултатот гласеше 45-43, а потоа ривалот ја доби третата четвртина, но Македонија заигра подобро во последните десет минути. 

На шеесетина секунди до крајот, нашите кошаркари имаа +4 (83-79), а на крајот триумфираа со конечен резултат 91-87. 

Најдобри поединци кај Македонија беа Стјуарт Џуниор со 26 поени и Виктор Ефремовски, кој додаде уште дванаесет, додека во редовите на бугарската репрезентација, по 19 поени постигнаа Младенов и Алипиев.