Македонија херојски се бореше, но во финишот остана без сили против Италија

Кошаркарската репрезентација на Македонија запиша нов неуспех во квалификациите за следното Европско првенство, откако на својот прв настап во „балонот“ во Перм по вистинска драма го загуби дуелот со фаворизираната Италија со 92-84. Иако за Македонија ова беше трет пораз во квалификациите, она што радува во пресрет на клучните мечеви е желбата и борбата која денес ја прикажаа избраниците на Тодоров, кои да имаа малку повеќе среќа и концентрација во финишот, ќе приредеа големо изненадување и ќе го шокираа лидерот на табелата. На рускиот паркет блескаше младиот Ненад Димитријевиќ, кој беше наш најдобар стрелец, а фантастичен настап имаше и новајлијата од Соединетите Амеирикански Држави, Џејкоб Вајли. 

Дуелот започна рамноправно, се играше со цврсти обрани и мал број на поени. Нашата игра се потпираше на расположениот Димитријевиќ кој прв собра двоцифрен број на поени. Италинаците форсираа шут, а не им одеше најдобро и играта преку центри. Со поените на Спису и Ричи, Италија поведе со +4, но Македонија имаше одговор на тоа водство. Вајли со атракција и Димитријевиќ погодија во серија и резултатот на крајот на првиот квартал гласеше 25-23.

Наша одлична одбрана и „снајперот“ Димитријевиќ ни донесоа предност во 14. минута. Момците на Тодоров добија на самодоверба и првпат поведоа. Предноста на македонскиот национален тим достигна +6, но Алвити и Дела Вале возвратија и на одмор по втората четвртина се замина со +2 за Македонија (43-45).  

Италија со одличен напад и цврста одбрана уште по две минути игра во вториот дел стигна до израмнување (46-46), а со тројката на Спису го презеде водството, по што Тодоров мораше да реагира и да повика тајм-аут. Советите на нашиот селектор веднаш вродија со плод, се разиграа Вајли и Стојановски, па подолго време предноста наизменично се менуваше. Нашите момци неколку пати испуштија напад за плус пет, па во финалните десет минути влегоа со само позитива од еден поен (63-64).

Македонија доста збркано го отвори клучниот период и дозволи Италија да влезе во ритам и да го преземе водството, кое во 32. минута изнесуваше максимални пет поени. Вајли од дистанца и Трајковски со нова тројка експресно го израмнија резултатот. Сепак, поискусните Италијанци не дозволија нов налет на Македонија и на рутински начин ја впишаа четвртата победа во овие квалификации. 

Во нашиот табор најпрецизен беше асот на Хувентуд, Димитријевиќ со 24 поени, а одличен настап имаа и Вајли со 17 и Војдан Стојановски со 15 поени. Андреа Теситори со 18 поени и шест скока беше прво име кај Италија.

До крајот на овој турнир Македонија ќе одигра уште три натпревари, против Русија, Естонија и пак против Италија.