Македонија го отвора Европското првенство: Кадетите подготвени за предизвикот во Гевгелија

Македонската машка кадетска репрезентација е подготвена за настапот на Европското првенство од Дивизијата Б за кошаркари до 16 години, кое од 6 до 15 август ќе се одржува во Гевгелија и Скопје. Избраниците на селекторот Дејан Стојановски ќе имаат можност пред домашната публика да се борат за место во елитната Дивизија „А“.

По завршувањето на подготовките, Стојановски истакна дека е задоволен од сработеното и од изборот на 12-те кошаркари кои ќе го носат дресот на Македонија.

„Работевме интензивно во текот на подготовките. Немавме многу контролни натпревари, но затоа одработивме квалитетни тренинзи и скримиџ натпревари. Ги избравме 12-те играчи кои се борат еден за друг и кои ќе дадат максимум за Македонија“, порача селекторот.

Тој нагласи дека оваа генерација поседува и квалитет и карактер, што, според него, е клучно за нивниот понатамошен развој.

  • Список на кошаркари:

Александар Зунзуровски бек
Илија Коневски бек/крило
Александар Котевски крилен центар
Јосиф Џолев центар
Давид Ристов крило
Филип Ѓорѓиевски бек
Михаил Анѓеловски бек
Војдан Стаменковски бек
Дион Шабани крило
Игор Трајчев крило
Рон Јетиши крило
Хамза Драголовчанин центар

Македонија ќе настапува во групата „Б“, а првиот натпревар ќе го одигра на 6 август против Кипар во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија со почеток од 18:30 часот. Потоа следуваат дуелите со Исланд (7 август), Хрватска (8 август), Швајцарија (10 август) и Украина (11 август).

Во осминафиналната фаза ќе се пласираат двете најдобри селекции од секоја група, кои ќе ја продолжат битката за место во полуфиналето и за една од трите позиции што водат во Дивизијата „А“.