Македонија го одигра најдоброто: Победа над Унгарија за крај на циклусот!

Кошаркарската репрезентација на Македонија ја заврши претквалификациската фаза за Светското првенство со победа над фаворитот Унгарија од 82-75. Избраниците на Марјан Илиевски го одиграа убедливо најдобриот натпревар во циклусот, во СРЦ „Кале“ ја надиграа Унгарија и барем достојно ги затворија претквалификациите.

Тргнавме со шест поени на Џејкоб Вајли кои нè одржуваа во предност, а потоа „прв од останатите“ кој се запиша во поентерската листа беше Лука Стојановски во контра (8-8). Следуваше израмнет период, а Унгарците почесто водеа и откако поентираа за 12-15 го натераа нашиот селектор Марјан Илиевски првпат да свика тајм-аут. Освежувањето на тимот со Ташовски, Митевски и Какруки вроди со плод бидејќи врзавме дванаесет поени во низа (23-15). Блесна Ташовски кој забележа шест поени, две слободни фрлања погоди Какруки, а тројка реализира Андреј Митревски.

Добриот ритам продолжи и во втората четвртина, па Магдевски погоди за прво двоцифрено водство (25-15). Успеавме две-три минути да одржиме двоцифрено водство, а тогаш Унгарија ја преполови негативата од дванаесет поени и пријде на 30-24. Одново Илиевски свика тајм-аут, следуваше двојка на Какруки и тројка на Митревски, а потоа Вајли положи за 37-27. Минута за совети свика и унгарскиот селектор, но со двојката на Ташовски стигнавме до највисоки 39-26. Во последните две минути за Македонија поентираа Вајли, Митревски и Ташовски, па на пауза се замина со највисокото водство од тринаесет поени (45-32).

Второто полувреме Унгарија го отвори со серија од 0-8 со што ја смали негативата и го натера Илиевски на тајм-аут. Веднаш потоа врзавме четири поени на Ташовски и Вајли за двоцифрени 50-40, а потоа тројка погоди Стојановски и двојка младиот Никола Василевски. Орбитираше нашата предност околу двоцифрената граница, за во финишот на четвртината три врзани поени да забележи Василевски (59-48). До крајот на четвртината со врзани поени на Максим Митевски и Андреј Митревски во контра поведовме со највисоки дотогаш четиринаесет разлика (64-50). Последниот период Унгарците го отворија со тројка на Валерио-Бодон, но потоа влеговме во мини-серија од 6-2 и по контра Вајли поентира за плус петнаесет (70-55). Откако следуваше размена на поени на двете страни, идентично по украдена топка двапати атракции направи Вајли за највисоки 76-79. Во завршните неколку минути Унгарија имаше обид да се врати, меѓутоа нашите кошаркари не ѝ дозволија такво нешто.

Наш најефикасен кошаркар беше Џејкоб Вајли со 23 поени, по 14 уфрлија Виктор Ташовски и Андреј Митревски, а со девет мечот го заврши Максим Митевски.