• Зоран Мишевски

Мисијата на Александар Јончевски е успешна. Македонската кошаркарска репрезентација се врати во квалификациите за Евробаскетот 2025 година и со скор 5-1 го освои првото место во претквалификационата група. Потврдата на првото место стигна со супериорнои издание во Осло и победа против Норвешка со 41-79.
Со многу сериозен пристап македонските кошаркари се поставија во цврст дефанзивен блок и примија само четири поени во првите шест минути. Во тој период Ти-Џеј Шортс и Војдан Стојановски се разиграа и брзо донесоа двоцифрена предност. По 12-23 на крајот од првиот квартал, бројот на норвешки грешки се зголеми и Магдевски и Ѓуровски ја донесоа најголемата предност од +19. Норвешка како да се предаде и по дваесет минути игра резултатот гласеше 26-45.
По нешто полошиот старт на третата четвртина, влегувањето на Маслинко и егзибицијата на Шортс ја вратија дистанцата од преку дваесет поени. Норвешка играше катастрофални, па само со поангажирана одбрана можеше да ги прикрие дефанзивните лимити. Со високи 36-60 се влезе во последната четвртина и извесно беше дека Македонија само формално треба да ја потврди победата. Со забава и многу поени на крајот момците на Јончевски славеа со 41-79.
Во нашиот национален тим се истакнаа Шортс со 22 и Војдан Стојановски со 16 поени, а кај Норвежаните најефикасни беа Фреј со десет и Јавара со осум поени.