Македонија без две ѕвезди по изненадување во Белгија

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија гостува кај Белгија во третото коло на квалификациите за пласман на Европското првенство. Избраничките на Александар Ашаданов одат во Леувен како аутсајдер, меѓутоа со свои адути да нападнат позитивен резултат. 

Селекторот на оваа средба нема да смета на капитенот Анџелика Митрашиновиќ која има повреда, додека на располагање не е ниту искусната Едина Муса. Така, поголем товар се очекува да падне на Јелена Антиќ, новото засилување Мерит Хемпе и останатите кошаркарки. 

Македонија во првите две кола запиша убедлив пораз во Германија, како и неуспех дома со Босна и Херцеговина, натпревари кои се играа минатиот ноемврии. Ашаданов имаше тешка задача, да ја подготви селекцијата за двата дуели со фаворитите, бидејќи по гостувањето во Белгија, в недела во Скопје доаѓаат Германките. Иако имаат два порази, репрезентативките со сигурност ќе се обидат да се покажат во подобро светло, а можеби дури и да изненадат еден од следните противници. 

Пресметката во Леувен меѓу Белгија и Македонија е закажана за денес во терминот од 20:30 часот.