Макаби Тел Авив создава дрим-тим за поход во Европа

Како што пренесуваат медиумите од Израел доаѓањето на Сони Вимс во тимот на Макаби Тел Авив е „готова“ работа. Раководството на Макаби по катастрофалните резултати во Евролигата, а потоа и во Еврокупот, ќе се обиде да ја врати „гордоста на Израел“ на место каде и што заслужува да биде, а тоа е во врвот на европската кошарка. Прв чекор е доаѓањето на Вимс, кој е еден од најдобрите кошаркари кои настапувале во Евролигата.

Сони Вимс по одличните игри во тимот на ЦСКА Москва, за која настапуваше три сезони, се пресели во НБА лигата, каде не ги оправда очекувањата. 29-годишниот Вимс играше прво за тимот на Феникс Санс, а моментално е член на Филаделфија. Со тимот на Макаби американскиот кошаркар според најавите ќе потпише две годишен договор.

Дека раководството на Макаби е искрено во намерите за создавање на нов дрим-тим, кој ќе владее со Европа е и најавата за доаѓање на тандемот на Црвена Звезда, Милер-Цирбес, кои тешко дека ќе можат да одолеат на израелските милиони.