ВИДЕО: Макаби ја покори Москва по 15 години, Кол донесе радост за Будуќност во „Морача“

По двете победи во низа над Дарушафака и Жалгирис, се чинеше дека ЦСКА Москва ги консолидира своите редови и ќе фати нова серија на успеси, но вечерва го доживеа најголемиот овосезонски пораз во Евролигата. 

Рускиот шампион, во првиот денешен натпревар од 18. коло, иако беше огромен фаворит, сепак на крај им приреди големо разочарување на своите фанови, бидејќи забележа тежок пораз од тимот на Макаби, кој на крај славеше со убедливи 78-93. За Израелците денешната победа е прва во руската престолнина по далечната 2004 година.

Најзаслужен за триумфот на „гордоста на Израел“ беше Зусман со 15 поени, а О'Брајант мечот го заврши со 14 поени. Во тимот на ЦСКА Москва, Де Коло и Клибурн запишаа по 16 поени, но немаа поддршка од останатите соиграчи.

Кошаркарите на Будуќност со кош во самиот финиш славеа победа против Дарушафака од 75-74. Јунак на подгоричани беше Норис Кол, кој на 11 секунди до крајот успеа да го постигне победоносниот кош. Кол на крајот мечот го заврши со 17 поени, а лидер кај тимот од „Морача“ беше Едвин со 18 поени. На спротивната страна најефикасен беше Тони Даглас со 14 поени.