• Саше Љолес
Макаби Тел Авив наскоро ќе добие нова привремена домашна арена во Евролигата. Израелскиот клуб донел одлука да го напушти Белград и своите натпревари како домаќин да ги игра во Лимасол, на Кипар.
Макаби ќе биде домаќин во салата „Спирос Киприану“. Клубот од Тел Авив од октомври 2023 година, по нападот на Хамас и почетокот на војната во Газа, не може редовно да ги организира европските натпревари во Израел. Поради безбедносната ситуација, Макаби досега како домаќин настапуваше во Белград, а сега ќе ја промени локацијата.
Салата во Лимасол располага со околу 8.000 места, но за натпреварите на Макаби бројот на присутни навивачи ќе биде ограничен на 5.000 поради безбедносни причини.
Пред да започне новата етапа на Кипар, претставници на клубот, спортските власти и полицијата извршија детална проверка на објектот. Првиот евролигашки натпревар на новиот терен Макаби ќе го одигра на 22 октомври, кога во седмото коло ќе го пречека Реал Мадрид.
Пред преселбата, израелскиот клуб ќе има уште еден настап во Белград. Макаби оваа недела во салата „Александар Николиќ“ ќе го пречека Милано, што воедно ќе биде неговиот последен домашен евролигашки натпревар во српската престолнина.











