Макаби го истури бесот од Звезда и Асвел врз фенерџијата Химки

Екипата на Макаби Тел Авив со победа над Химки (92-62) се врати на успесите во Евролигата, на едно коло пред крајот на натпреварувањето, во кое нема шанси да дојде до едно од местата кои водат во разигрувањето за титула.

Израелската гордост имаше два порази во низа од Црвена Звезда и од Асвел, па го истури бесот врз фенерџијата на табелата кој оваа сезона е далеку од оние денови кога беше „тврд орев“ за секој противник.

Разликата вредна победа Макаби ја изгради во првите три периода, а во последниот тренерот ротираше, па Химки само го намали поразот. Највисоката предност израелскиот шампион ја имаше во средината на третиот квартал, кога на семафорот стоеше неверојатни +40 (67-27).

Кај Макаби имаше повеќе кошаркари со двоцифрен учинок, а најефикасен беше Вилбекин со 13 поени, исто колку што постигна и Жижиќ. Кај Химки, Мики даде 21, а Мекалум финишира со 17 поени.

Во последното евролигашко коло Макаби гостува кај Зенит кој се бори за ТОП-8, додека Химки игра меч за престиж со Олимпијакос.