Мак-кошаркарите ја предупредија федерацијата: Да не се зголемат странците!

Здружението на кошаркари се огласи по повод најавата за зголемување на странски кошаркари во домашното првенство и испрати јавен апел до Кошаркарската федерација на Македонија за новонастаната ситуација.

Во соопштение, се испрати предупредување до Федерацијата дека зголемувањето на странските кошаркари носи штета на мак-баскетот и се истакна дека сериозноста на ова барање мора да биде сфатено.

  • Соопштението на Здружението на кошаркари во целост:

„Изминатите години, откако беше намален бројот на странски играчи во нашата лига, бевме и сѐ уште сме сведоци на константниот напредок на нашата репрезентација.

Во прилог на истата таа одлука, произлегоа неколку нови, млади и квалитетни македонски кошаркари, кои дури и прераснаа во лидери на своите екипи.

Фактот дека давањето шанса на младите играчи подложи на одредени ризици е занемарлив, меѓутоа, тоа е единствениот начин за напредок на македонската кошарка. Секој напредок, независно за што станува збор, изискува одреден ризик.

Здружението на играчи верува во стручноста на луѓето кои во моментов раководат со нашата Кошаркарска Федерација и нејзиниот Управен одбор, па очекуваме дека сериозноста на ова барање ќе биде сфатена, како и големите последици кои би ги предизвикала нивната потенцијална афирмација на истото тоа барање.

Ние, македонските кошаркари, искрено се надеваме дека нема да бидеме ставени во позиција да ја користиме Македонската кошаркарска репрезентација како алатка да се заштитиме, а тоа ќе ни биде единствената преостаната опција доколку не наидеме на поддршка од оние кои ја имаат одлучувачката улога.

Уште еднаш потенцираме дека оваа одлука е една од клучните за развој на македонските играчи во иднина и е тема која е најболна за целата македонска кошарка.

Иднината на македонската кошарка останува во рацете на Федерацијата“

Новата кошаркарска сезона почнува на почетокот од октомври годинава.