Мак-кошарка 2023: Мал напредок кај мажите, освежување е прогресот на жените

Македонските кошаркарски репрезентации зад себе оставаат уште една година која за жал не беше исполнета со премногу успеси. Иако во машка конкуренција одигравме одлична прва рунда од квалификациите за Европското првенство, сепак потоа следуваше „потопот“ во олимписките претквалификации. 

Избраниците на селекторот Александар Јончевски како првопласирани излегоа од групата во која бевме заедно со Норвешка, Словачка и Данска, но потоа бевме прегазени во олимписките квалификации и забележавме три убедливи порази од Чешка, Естонија и Израел. Мала утеха може да биде фактот што нашиот плејмејкер Ти-Џеј Шортс беше најдобар стрелец на овој турнир, но сепак, впечатокот што го остави Македонија беше навистина загрижувачки и не ветува премногу светли денови во блиска иднина. 

Евидентен е проблемот во дефанзивата, исто како и скок-играта, во која комплетно бевме надиграни скоро од сите противници. Националниот тим претрпе одредени промени, се приклучија и неколку млади играчи, па се надеваме дека во иднина нашите момчиња ќе бележат подобри резултати. 

Следува главната фаза од евроквалификациите каде ќе имаме нови тешки предизвици, а овој пат за противници ќе ги имаме Полска, Естонија и Литванија. Македонија во оваа конкуренција се смета за аутсајдер, но секогаш постои надеж за евентуално изненадување и остварување позитивни резултати. 

Што се однесува до женската конкуренција, македонските девојки ја започнаа годината со победа и пораз во последните две кола од минатите евро-квалификации, а кон крајот на 2023 година го започнаа и новиот циклус за Евробаскетот кој ќе се одржи за две години во четири различни европски градови. 

Македонските девојки стартуваа со два порази во првите две кола, а подобри од нас беа репрезентациите на Португалија и Србија. Следните два квалификациски меча нашата репрезентација ќе ги одигра дури во ноември 2024 година, кога на домашен терен ги пречекуваме Украина и Португалија.